УЈП: Генерирани над 863.000 годишни даночни пријави, граѓаните се повикуваат да ги проверат податоците

Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека за 2025 година се генерирани вкупно 863.100 годишни даночни пријави.

 

Од нив, 704.443 се достапни на корисничките профили во системот „е-Даночни услуги“, додека останатите се однесуваат на лица кои сè уште немаат отворено профил и поради тоа не можат да извршат увид во својата пријава.

 

Од УЈП ги повикуваат сите физички лица кои немаат регистриран профил да го сторат тоа што е можно побрзо, бидејќи увидот во годишната даночна пријава им овозможува да проверат дали имаат обврска за доплата или право на поврат на данок.

 

Според податоците, само 26.653 пријави биле лично потврдени од даночните обврзници, а 1.145 биле коригирани и се во постапка на разгледување.

 

Најголемиот дел, односно 676.645 пријави, биле службено потврдени од УЈП, што укажува дека голем број граѓани не ги провериле своите податоци.

 

Од Управата предупредуваат дека годишните даночни пријави се изготвуваат врз основа на податоците доставени од исплатувачите, па затоа е важно секој даночен обврзник да ја прегледа пријавата и навреме да реагира доколку забележи неточности или непријавени приходи.

 

Од вкупно 704.443 достапни пријави, 208.857 покажуваат обврска за доплата на данок во вкупен износ од речиси 209 милиони денари, 313.519 пријави се со повеќе платен данок во износ од околу 53,9 милиони денари, додека кај 182.067 пријави нема разлика меѓу пресметаниот и платениот данок.

 

Од лицата со повеќе платен данок, 617 поднеле барање за поврат во вкупен износ од 32,4 милиони денари.

 

Податоците на УЈП покажуваат и раст на пријавениот доход во однос на претходната година.

 

Вкупниот пријавен доход за 2025 година изнесува 612,9 милијарди денари, што е за околу 74,1 милијарда денари повеќе во споредба со 2024 година.

 

Истовремено, пресметаниот данок на личен доход достигнал 39,8 милијарди денари, што претставува зголемување од околу 4,9 милијарди денари.

 

Најголем дел од пријавениот доход се однесува на приходи од работен однос, кои изнесуваат над 458,5 милијарди денари, а значителен удел имаат и приходите од капитал, продажба на сопствени земјоделски производи, добивки од игри на среќа, закуп, самостојна дејност и други видови приходи.

 

Од УЈП посочуваат дека граѓаните за сите дополнителни информации и помош можат да се обратат до Контакт-центарот на институцијата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.