Божиновска и KfW разговараа за нови инвестиции во енергетската ефикасност

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со претставници на германската развојна банка KfW, на која се разговараше за тековните проекти и можностите за проширување на соработката во областа на енергетската ефикасност.

 

Во фокусот на средбата беа активностите за енергетска обнова на студентските домови, кои се реализираат со поддршка од KfW, како и идните инвестиции во реконструкција на јавни и комерцијални објекти.

 

Целта е да се намали потрошувачката на енергија, да се подобрат условите за користење на објектите и да се обезбедат долгорочни финансиски заштеди.

 

Божиновска истакна дека енергетската ефикасност претставува една од најефикасните инвестиции за подобрување на јавните услуги, намалување на трошоците и создавање поодржлив енергетски систем.

 

Според неа, определба на Министерството е ваквите проекти да се прошират и да обезбедат конкретни придобивки за институциите и граѓаните.

 

На состанокот биле разгледани и успешните искуства од земјите во регионот, при што се разговарало за можностите тие практики да се применат и во Македонија со цел побрза реализација на идните проекти.

 

Посебно внимание било посветено на воспоставувањето на EPC системот, кој ќе овозможи мониторинг, верификација и управување со сертификатите за енергетска ефикасност.

 

Според Министерството, неговото целосно функционирање ќе придонесе за поголема транспарентност, поефикасно следење на резултатите и поквалитетно планирање на идните инвестиции.

 

Од Министерството за енергетика соопштуваат дека ќе продолжат да ја развиваат соработката со меѓународните финансиски институции, со цел обезбедување нови инвестиции во енергетската ефикасност, модернизација на јавната инфраструктура и поттикнување на одржливиот енергетски развој.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.