Еуролинк осигурување го зголеми капиталот за 5,85 милиони евра, вкупниот капитал надмина 20,5 милиони евра

Еуролинк осигурување ќе го зголеми својот капитал за 5,85 милиони евра, по одлуката за докапитализација обезбедена од матичната компанија Grazer Wechselseitige Versicherung AG (ГРАВЕ) од Австрија. Одлуката е усвоена на Собранието на акционери, со што вкупниот капитал на компанијата ќе надмине 20,5 милиони евра.

По новата докапитализација, капиталот на друштвото достигнува 1,26 милијарди денари, односно околу 20,5 милиони евра. Од компанијата посочуваат дека со ова Еуролинк располага со капитал кој е 6,8 пати поголем од законски пропишаниот гарантен фонд и 5,5 пати над потребното ниво на солвентност, што ја позиционира меѓу капитално најстабилните осигурителни компании на македонскиот пазар.

 

 

Средствата од докапитализацијата се наменети за понатамошен развој на компанијата, инвестиции, воведување нови деловни можности и проширување на присуството во нови сегменти на финансискиот пазар.

Претседателката на Управниот одбор на Еуролинк осигурување, Марија Томеска, изјави дека новата инвестиција претставува потврда за довербата што групацијата ГРАВЕ ја има во компанијата и во нејзиниот тим.

„Особено сме горди што новата докапитализација доаѓа во период кога компанијата веќе има исклучително високо ниво на капитална адекватност и солвентност. Тоа ни дава дополнителен потенцијал за инвестирање, иновации и понатамошен раст во интерес на нашите клиенти и партнери“, истакна Томеска.

Претседателот на Одборот на директори на групацијата ГРАВЕ и претседател на Надзорниот одбор на Еуролинк осигурување, Клаус Шајтегел, оцени дека инвестицијата е дел од долгорочната стратегија на групацијата за развој во регионот.

„Македонскиот пазар е еден од пазарите во кои препознаваме долгорочен потенцијал. Еуролинк осигурување низ годините покажа дека има експертиза за одржлив раст и создавање вредност, а оваа докапитализација претставува инвестиција во идните можности на македонскиот финансиски пазар“, изјави Шајтегел.

Од компанијата најавуваат дека и во наредниот период ќе бидат фокусирани на унапредување на услугите, дигитализација на процесите и развој на современи осигурителни и финансиски решенија, со цел дополнително зајакнување на својата позиција на домашниот пазар и придонес кон развојот на финансискиот сектор во земјава.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.