Над 90 отсто од плаќањата кај малите трговци сè уште се во готовина, предупредува Народната банка
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 18 Јуни 2026
И покрај високото ниво на дигитална подготвеност на граѓаните, малите трговци во земјава сè уште во голема мера не прифаќаат електронски плаќања, што претставува сериозен предизвик за развојот на современ платен систем, оцени вицегувернерот на Народната банка, Игор Величковски.
На отворањето на работилницата „Премостување на јазот кај прифаќањето на електронските плаќања од страна на трговците“, организирана во соработка со Светската банка, Величковски истакна дека Северна Македонија има солидна основа за дигитални плаќања.
Според податоците што ги презентираше, 84 проценти од граѓаните поседуваат платежна сметка, а тројца од четворица жители кои имаат сметка веќе користат дигитални канали за примање или испраќање плаќања. Дополнително, интернет и мобилната мрежа покриваат повеќе од 90 проценти од територијата на државата.
Сепак, и покрај овие показатели, повеќе од 90 проценти од плаќањата за стоки и услуги кај малите трговци и понатаму се реализираат во готовина.
„Главниот проблем не е дали граѓаните можат да плаќаат дигитално, туку дали малите трговци можат да ги прифатат тие плаќања. Малите трговци сè уште ги сметаат електронските плаќања за скапи и сложени“, истакна Величковски.
Во моментов, во земјата околу 16.700 трговци располагаат со приближно 36.000 уреди за прифаќање електронски плаќања, што според Народната банка укажува на нерамномерна застапеност и ограничена достапност кај помалите бизниси.
Како решение за надминување на овој јаз, Народната банка најавува воведување на инстант плаќања до крајот на годината преку систем базиран на платформата ТИПС, развиена од Банката на Италија за земјите од Западен Балкан.
Во пакетот нови услуги се предвидени и национален интероперабилен QR-код, плаќања преку едноставни идентификатори, инстант потврди за трансакции, услугата „Барање за плаќање“, како и понатамошен развој на мобилните апликации од банки и небанкарски даватели на платежни услуги.
„Со овие услуги, прифаќањето дигитални плаќања може да стане едноставно како примање порака на телефон“, нагласи Величковски.
Тој ја потенцираше и поддршката од Светската банка во процесот на модернизација на платежната инфраструктура и интеграцијата кон европските платежни системи.
„Целта е јасна – секој мал трговец во државата да може лесно, без високи трошоци и сложени процедури, да прифаќа дигитални плаќања“, порача вицегувернерот.
Според експертите, зголемувањето на употребата на електронските плаќања не само што ќе го олесни работењето на бизнисите, туку ќе придонесе и за намалување на сивата економија, поголема финансиска инклузија и побрз економски развој.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













