Народната банка ја задржа стапката на противцикличниот капитален заштитен слој на 2%

Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјава да остане на ниво од 2 отсто. Одлуката е донесена по редовната квартална оцена на системските ризици, врз основа на податоците заклучно со првиот квартал од 2026 година.

Од Народната банка соопштија дека стапката ќе се применува од третото тримесечје на 2027 година и дека е соодветна на тековните макрофинансиски услови и состојбите во домашниот банкарски систем.

Според анализите, кредитната активност и натаму е солидна, додека банкарскиот сектор останува добро капитализиран и ликвиден, со висока отпорност на можни шокови. Позитивните показатели се потврдени и преку ниското и дополнително намалување на учеството на нефункционалните кредити, како и преку задржаната профитабилност на банките.

Во соопштението се наведува дека одлуката е поддржана и од построгите макропрудентни мерки за квалитетот на кредитната побарувачка, кои се применуваат од крајот на минатата година. Првичните ефекти од овие мерки веќе се забележуваат во првото тримесечје од 2026 година преку подобрување на структурата на новоодобрените кредити и повисоки кредитни стандарди што ги применуваат банките.

Народната банка оценува дека ваквата поставеност на мерките ќе придонесе за ограничување на системските ризици и за зачувување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор и во наредниот период.

Централната банка најавува дека ќе продолжи внимателно да ги следи движењата во финансискиот систем и на квартална основа повторно ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот капитален заштитен слој.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.