Мицкоски: „Џаво Отомотив“ инвестира во Тетово – 20 милиони евра, до 500 нови работни места и извоз од 45 милиони евра

Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека мултинационалната компанија „Џаво Отомотив“ ќе реализира нова инвестиција во ТИРЗ Тетово, која ќе донесе значаен импулс за автомобилската индустрија и македонската економија.

Според најавите, компанијата, која повеќе од четири децении работи во автомобилскиот сектор и произведува безбедносни системи, контролни кабли и механизми за светски производители, планира постепено да го пренесе целокупното производство од Турција и Словачка во Македонија.

Инвестицијата ќе започне со закуп на постоечки производствен капацитет од 8.000 квадратни метри, а според развојниот план, до 2028 година капацитетите треба да се прошират на 21.000 квадратни метри.

„Џаво Отомотив“ во првите пет години, од 2026 до 2030 година, планира инвестиција од околу 20 до 21 милион евра, а со целосното активирање на производството се очекува отворање меѓу 400 и 500 нови работни места.

Премиерот истакна дека инвестицијата ќе има значително влијание и врз извозот, со очекувања тој да достигне околу 45 милиони евра годишно.

„Ова не е само инвестиција во бројки. Ова е инвестиција во доверба – доверба во институциите, во економските политики и во стабилноста на државата“, изјави Мицкоски.

Тој оцени дека доаѓањето на нови компании и проширувањето на постојните инвеститори е потврда дека земјата станува сè поатрактивна за индустрии со висока додадена вредност.

„Ние не градиме економија заснована на задолжувања и статистички трикови. Градиме економија која се потпира на производство, инвестиции, извоз и реален економски раст“, порача Мицкоски.

Според него, новата инвестиција е порака дека државата треба да биде место каде младите, работниците, инженерите и претприемачите ќе гледаат можност за развој и иднина.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.