Народната банка ја зголеми основната каматна стапка на 4,25 отсто поради инфлациските ризици
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 16 Јуни 2026
Народната банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, од 4 на 4,25 отсто, одлучи Извршниот одбор на редовната седница одржана на 16 јуни 2026 година, посветена на поставеноста на монетарната политика.
Одлуката, како што информираат од централната банка, е донесена врз основа на најновите економски показатели и согледувањата за влијанието на глобалните случувања врз домашната економија.
Во образложението се наведува дека од почетокот на годината била забележана зголемена побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што условило поголемо присуство на Народната банка на девизниот пазар. Сепак, од почетокот на мај се забележува стабилизација на побарувачката на девизи, а најновите информации укажуваат на поголема извесност за скоро смирување на конфликтот на Блискиот Исток.
И покрај позитивните сигнали, од Народната банка оценуваат дека економските последици од геополитичките случувања остануваат присутни, а неизвесноста околу целосната стабилизација на економските текови и понатаму претставува ризик.
Дополнителен фактор за одлуката се инфлациските притисоци. Во мај годишната стапка на инфлација се намалила на 4,8 отсто, од 5,7 отсто во април, главно поради поумерениот раст на цените на храната. Сепак, од централната банка посочуваат дека инфлацијата и понатаму е над посакуваното ниво, а ризиците остануваат претежно во нагорна насока, особено поради енергетската компонента и можните ефекти врз останатите цени.
Според најновите податоци, девизните резерви на крајот на мај изнесуваат 5,2 милијарди евра и се на сигурно ниво. Во текот на мај девизниот пазар бил стабилен, без потреба од интервенции на Народната банка за обезбедување девизна ликвидност.
Домашната економија, според оценките на централната банка, продолжува да покажува отпорност. Во првиот квартал од 2026 година реалниот раст на БДП изнесувал 3,1 отсто, што е во согласност со претходните проекции. Истовремено, кредитната активност продолжува да расте со динамика над очекувањата, што влијае врз домашната побарувачка.
Од Народната банка посочуваат дека умереното затегнување на монетарната политика, заедно со претходно преземените мерки кај задолжителната резерва и макропрудентните инструменти, треба да придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс, намалување на инфлациските притисоци и зацврстување на инфлациските очекувања.
Како дополнителен фактор во одлуката се земени предвид и движењата во еврозоната, каде што Европската централна банка неодамна ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени поради засилените инфлациски притисоци.
Народната банка најавува дека и во следниот период внимателно ќе ги следи домашните и меѓународните економски движења и ќе ги користи расположливите инструменти за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













