Делегација на УЈП во работна посета на Црна Гора: Размена на искуства за е-фискализацијата и новиот даночен систем IRMS

Делегација од Управата за јавни приходи (УЈП), предводена од директорката м-р Елена Петрова, оствари работна посета на Даночната управа на Црна Гора.

 

Примарна цел на посетата беше зајакнување на регионалната соработка и размена на институционални искуства во насока на модернизација и дигитализација на даночните системи на двете земји.

 

За време на билатералните средби, фокусот на разговорите беше ставен врз клучните столбови на современите даночни софтверски решенија, со посебен акцент на дигитализацијата на внатрешните процеси, унапредувањето на електронските услуги за обврзниците и менаџирањето со даночните ризици.

 

Паралелно со ова, двете страни ги анализираа ефектите и предизвиците од имплементацијата на процесот на е-фискализација, како механизам за зголемување на фискалната транспарентност и ефикасност во регионот.

 

Во рамки на работната програма, црногорските даночни власти детално ги презентираа практичните искуства и резултати од воведувањето на Интегрираниот систем за управување со приходи (IRMS), кој во Црна Гора е во оперативна примена од почетокот на оваа година.

 

Делегацијата на македонската УЈП покажа особен интерес за развојните фази, методите за надминување на техничките предизвици и бенефитите од овој интегрален систем, нотирајќи дека ваквите искуства се значаен инпут за планираните реформи во домашното даночно работење.

 

Средбата заврши со заедничка согласност за продолжување на институционалната и стручната соработка во претстојниот период.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.