Единство на терен: „Европската Кошаркарска Недела“ собра над 100 атлети во борба за инклузија
- Детали
- Категорија: Спорт
- Создадено: 01 Декември 2025
На 29.11.2025 година (сабота), спортскиот центар „Кале“ беше центар на инклузијата и спортот, каде што се одржа „Европската Кошаркарска Недела“. Настанот, организиран од Специјална Олимпијада Македонија во соработка со Кошаркарската Федерација на Македонија, обедини повеќе од 100 атлети, тренери, партнери и поддржувачи.
Поддржана од УНФПА, НЛБ Банка АД Скопје, Македонски Телеком АД, Лајонс Алфа Клуб Скопје и Спорт Лајф, манифестацијата ги вклучи лицата со интелектуална попреченост во рекреативни кошаркарски игри, заедно со нивните партнери во т.н. Јунифајд (Unified) тимови. Преку активно учество во овој настан, кој е дел од активностите на ФИБА и Кошаркарската Евролига, Специјална Олимпијада на Македонија повика на еднаквост и ја потенцираше потребата за еднакви можности за сите.
Како дел од активностите, во соработка со Лајонс Алфа Клуб Скопје, на натпреварите им претходеше преглед на очите реализиран во рамки на меѓународната програма „Opening Eyes®“. Оваа програма обезбедува основни прегледи на видот за атлетите на Специјална Олимпијада, а истовремено работи на едукација на волонтерите, атлетите, родителите и тренерите за важноста на видот во перформансите во спортот, училиштето и работата.
Моника Бошкоска, Претседател на Специјална Олимпијада Македонија, истакна: „Една од нашите главни задачи е промовирањето на инклузивноста преку спортот. Низ активностите кои ги реализираме, во пракса демонстрираме дека доколку на лицата со попреченост им се подаде рака и се вклучат во различни општествени сфери, добиваат можност да бидат еднакви како останатите.“ Таа изрази благодарност до сите партнери за нивната поддршка, која овозможува поактивно придонесување за негување на инклузијата во земјата.
Успешната реализација на „Европската недела на кошарка“ ја потврди посветеноста на организаторите во унапредувањето на инклузијата преку спорт, нагласувајќи ја важноста од долгорочна соработка и постојана поддршка за обезбедување еднакви можности за лицата со интелектуална попреченост.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












