Адем Мекиќ се враќа во репрезентацијата: Македонија посигурна и поискусна пред дуелите со Азербејџан и Ирска

Кошаркарската репрезентација на Македонија во ноемврискиот ФИБА „прозорец“ влегува посилна за искусното крило Адем Мекиќ, кој се опорави од повредата здобиена летово на дуелот со Унгарија. Мекиќ, кој беше означен како еден од носителите на обновениот состав заедно со Андреј Магдевски и Џејкоб Вајли, е подготвен да го даде својот максимум на претстојните два квалификациски натпревари.

 

Првиот предизвик е на 27 ноември против селекцијата на Азербејџан во СРЦ „Кале“ во Скопје (почеток во 19:00 часот), додека вториот натпревар е три дена подоцна, на 30 ноември, против Ирска.

 

Мекиќ изрази оптимизам за новиот состав на селекцијата: „Како што е веќе познато, во секој нареден циклус имаме нов состав. Се надевам на одлична, пред сè, тимска хемија, затоа што, за разлика од летото, имаме спој на младост и искуство. Имаме играчи како Војдан Стојановски, потоа Стојан Ѓуроски, тука е и Андреј Јакимовски... сигурно на хартија сме подобра екипа од што бевме летоска. Пред сè поискусна, подоминантна екипа. Се надевам на добри игри, на добри мечеви, на енергетски и тимски план, и на позитивни резултати“.

 

Искусното крило потенцира дека предноста на домашниот терен мора да се искористи уште на првиот меч со Азербејџан, додавајќи дека во овој циклус нема многу време за тактика, па тимската хемија и енергија ќе бидат одлучувачки.

 

„Прв противник ни е Азербејџан, немам јасна слика за нив, но од она што го чув во Косово, затоа што тие играа претходно со нив, информациите се дека играат цврста кошарка. Сигурен сум дека тренерите ќе ги обезбедат сите информации и ќе влеземе спремни за натпреварот со нив“, додаде Мекиќ пред почетокот на ноемврискиот ФИБА прозорец.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.