Кошаркарите на собир: Македонија ги започнува претквалификациите за Евробаскет 2029

Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија повторно се собра во Скопје, во хотелот „Александар Палас“, започнувајќи ги подготовките за натпреварите од групната фаза на претквалификациите за Евробаскетот 2029 година. Селекторот Марјан Илиевски, заедно со асистентите Борче Даскаловски и Мирко Петрески, ги пречекаа кошаркарите на кои ќе смета за овој ноемвриски ФИБА „прозорец“.

 

Селекторот Илиевски нагласи дека ростерот е надополнет со поискусни играчи, но со почит кон оние кои играа летоска. „Вратите се отворени за сите кои се на располагање. Оние кои играа летоска го дадоа својот максимум... Надополнети сме со играчи кои се поискусни, што значи дека играчите кои имаат „носено“ поинакви мечеви се присутни тука и сигурно ќе бидат од значење, не потценувајќи никого што беше тука за време на летото, бидејќи нивното време доаѓа“, изјави Илиевски.

 

Македонија во овој прв циклус ја очекуваат два натпревари: прво против Азербејџан на 27 ноември во Скопје, а потоа против Ирска на 30 ноември во Даблин.

 

Во врска со очекувањата, Илиевски е јасен: „Не сакам никој да нѐ сфати здраво за готово... Нашите очекувања се секој пат да дадеме 100% од себе и да се победат мечевите“. Тој нагласи дека краткиот период од три дена ќе биде искористен за воигрување на замислената тактика.

 

Селекторот даде осврт и на првиот противник, Азербејџан, посочувајќи дека тие го менуваат странскиот играч – од центар, сега имаат плејмејкер, што сигурно ќе ја промени нивната тактика на терен. За останатите играчи на Азербејџан, Илиевски вели дека не оставаат конкретна и јасна слика, бидејќи секој меч им е различен.

 

Во овој циклус, Илиевски ќе има на располагање уште еден натурализиран играч, покрај Џејкоб Вајли. За место во тимот ќе конкурира и играчот на шпанска Валенсија, Омари Мур. „Вајли е со тимот, Мур доаѓа во среда... Имаме на располагање двајца натурализирани играчи и ќе одлучиме кој ќе игра. Двајцата ќе бидат тука и по она кое ќе го увидиме, ќе ги распоредиме“, објасни Илиевски, додавајќи дека Сестина е повреден и ќе отсуствува два месеца.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.