Божиновска пред Енергетската заедница: Македонија ја забрзува интеграцијата во европскиот енергетски пазар
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 18 Декември 2025
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на состанок на Енергетската заедница презентираше значаен напредок во усогласувањето на Северна Македонија со европското енергетско и климатско законодавство. Како клучна пресвртница во изминатиот период беше нагласено усвојувањето на новиот Закон за енергетика, со кој е транспониран европскиот Пакет за интеграција на електричната енергија. Оваа законска рамка овозможува националниот електроенергетски и гасен систем директно да се поврзат со внатрешниот пазар на Европската Унија, редефинирајќи ги улогите на институциите и операторите според заедничките европски правила.
Дополнително, во 2025 година се направени значајни измени во Законот за енергетска ефикасност, со цел отстранување на бариерите за реализација на проекти и поттикнување на обновливите извори на енергија кај крајните корисници преку нови финансиски механизми и стимулации. На стратешки план, министерката информираше дека Ревидираниот Национален енергетски и климатски план (НЕКП) за 2025–2030 е во својата финална фаза пред усвојување, по успешно завршените јавни консултации и координација со сите релевантни меѓународни чинители.
Посебен акцент беше ставен на оперативната интеграција преку пристапот на МЕПСО кон европската платформа за аукции на прекугранични капацитети (JAO), што претставува стратешки исчекор кон поголема транспарентност и ефикасност на националниот систем. Божиновска најави дека за циклусот во 2026 година, МЕПСО планира да номинира нов инфраструктурен проект за избор на Проекти од интерес на Енергетската заедница (PECI/PMI). Истовремено, државата продолжува со капиталните инвестиции во гасниот интерконектор со Грција и разговорите со Србија, со цел трајно зголемување на енергетската безбедност и стабилност во регионот.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












