Македонската Царина со нов софистициран систем од Јужна Кореја: Вештачка интелигенција ќе ги открива царинските измами
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 16 Декември 2025
Македонската Царинска управа се етаблира како лидер во регионот со воведувањето на најсовремениот Систем за анализа на ризик и податочен склад. Проектот, вреден 4,75 милиони долари, е реализиран како грант од Република Кореја и беше официјално промовиран на денешниот настан на кој присуствуваа директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и генералниот директор на Корејската царинска служба, Ли Мјонг Ку.
Новиот систем овозможува драстично унапредување на контролата при увоз, извоз и транзит на стоки, користејќи напредна вештачка интелигенција за откривање на криминал и сива економија. Една од клучните предности е автоматското алармирање на царинските службеници доколку цените на пријавените стоки се пониски од берзанските или од просечните вредности, што е директен механизам за спречување на царински измами. Дополнително, системот нуди подобра детекција на високоризични профили во воздушниот сообраќај, со што се штитат финансиските интереси на државата.
Директорот Николовски нагласи дека во услови на огромна трговска размена, која само до октомври годинава изнесува 18 милијарди долари, овој систем е од пресудно значење за забрзување на легалната трговија преку прецизна селекција на пратките за контрола. Сите релевантни податоци, вклучувајќи ги и оние за акцизни стоки и претходни заплени, сега се интегрирани во единствен софистициран дигитален склад.
За првиот човек на корејската Царина, господинот Ли, овој проект претставува историски чекор бидејќи Македонија е првата земја во европскиот регион каде што се имплементира корејскиот модел за електронско царинење. Тој изрази уверување дека новата технологија ќе биде цврст темел за патот на државата кон членство во Европската Унија и пример за успешна меѓународна соработка. На промоцијата присуствуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, која заедно со амбасадорот на Република Кореја, Ким Донг Бе, ја поздрави модернизацијата на царинското работење како клучен фактор за економски раст.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












