МЖСПП и УНДП ја стартуваа БИОФИН: Иницијатива за одржливо финансирање на заштитата на биодиверзитетот

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), денеска во Скопје официјално ја почнаа иницијативата БИОФИН (BIOFIN). Главната цел на оваа иницијатива е да се направи детален дијагностички преглед на постојниот систем и да се изработи конкретен и одржлив план за финансирање на заштитата на биодиверзитетот во земјата.

 

Директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски, на денешната работилница истакна дека со БИОФИН, заштитата на природата ќе добие централно место во креирањето на политиките. „Го направивме првиот чекор во процесот што ќе резултира со прецизно дефинирани финансиски потреби, финансиска стратегија за биодиверзитет и препорачани финансиски инструменти. Ова ќе ни овозможи премин од ад-хок поддршка кон стабилен, добро испланиран и одржлив систем за заштита на природата“, изјави Никоски, потенцирајќи ја потребата од вклучување на сите релевантни чинители, од министерствата и општините до приватниот сектор и граѓанските организации.

 

Според Ана Чернишова, заменичка на Постојаниот претставник на УНДП, во текот на проектот ќе бидат спроведени клучни анализи, вклучувајќи Преглед на политики и институционална рамка, Преглед на трошоци и Проценка на финансиските потреби. Таа нагласи дека овие анализи ќе ја сочинуваат основата за идентификување и приоритизирање на најсоодветните финансиски решенија. „Проектот ќе резултира со изработка на Национален план за финансирање на биодиверзитетот, кој ќе биде стратешки документ и ќе ги дефинира приоритетните мерки и финансиските механизми“, додаде Чернишова.

 

Иницијативата доаѓа како одговор на сè поголемите притисоци врз биодиверзитетот од климатските промени, загадувањето и фрагментацијата на живеалиштата, дополнително отежнати од ограничените финансиски ресурси. Со ова, државата ја зајакнува својата посветеност кон Националната стратегија и акциски план за биодиверзитет, усогласена со барањата на Европската Унија и Кунминг–Монтреал Глобалната рамка за биодиверзитет.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.