Дербито Работнички-МЗТ денеска со повик за обединување: Навивачите масовно да гласаат за филмот „Приказната за Силјан“
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 14 Декември 2025
Денеска, во 18:00 часот во СРЦ Кале, ќе се одржи традиционално најзначајното кошаркарско дерби во Македонија помеѓу КК Работнички и КК МЗТ. Овој натпревар отсекогаш претставувал најбитен меч во првата кошаркарска лига, обединувајќи ги навивачите на двата долгогодишни скопски ривали.
Овој пат, дербито ќе биде искористено како платформа за поширок национален повик за обединување и поддршка на македонската култура. Од трибините ќе биде упатен апел до сите граѓани масовно да се вклучат во гласањето за наградата од публиката за македонскиот филм кој е во трка за Оскар – „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска.
Филмот се натпреварува за наградата Audience Choice Prize – признание кое издвојува документарен филм што ја освојува светската публика и може да биде предвесник за влез во најтесниот избор за Оскар. Организаторите на настанот истакнуваат дека секој глас е исклучително важен и може да има значително влијание врз патот на филмот.
„Спортот и културата се наши најдобри амбасадори и треба да работиме заедно и заемно да се поддржуваме. Сега е моментот Македонија повторно да се обедини и да покаже колку силно стои зад своите автори. Сите сме за Силјан, сите сме за Тамара Котевска“, е пораката од навивачките групи.
Гласањето се затвора на 16 декември 2025 година во 02:00 часот, а може да се гласа неограничен број пати на следниот линк: https://cinemaeyehonors.com/audience-choice-voting/.
По денешниот натпревар во СРЦ Кале, следното големо дерби се очекува да се одигра во целосно реновираната сала на Работнички во Градски Парк.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












