ФЕИТ одбележа 50 години од дипломирањето: Златни дипломи за генерацијата која ја изгради технолошката инфраструктура на Македонија

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје денеска, 11 декември 2025 година, организираше свечен настан по повод одбележувањето на 50 години од дипломирањето на генерацијата инженери по електротехника од 1975 година.

 

Деканот, проф. д-р Владимир Атанасовски, истакна дека настанот претставува чин на длабока почит кон оваа генерација, која пред половина век го понесе предизвикот да ја гради технолошката иднина на земјата и светот. Златните дипломци на ФЕИТ се заслужни за планирањето и развојот на критичната електроенергетска инфраструктура на Македонија, развојот на националната телекомуникациска инфраструктура, како и за системските решенија за одржување и подобрување на индустриските процеси.

 

Овие тогашни млади инженери ги креирале темелите на современата енергетска мрежа, ги изградиле телекомуникациските врски и ја отвориле Македонија кон светот, овозможувајќи ѝ на индустријата да расте, да се модернизира и да стане двигател на развојот.

 

На свеченоста, Златна диплома им беше доделена на 22 присутни инженери, кои имаа можност да се потсетат на студентските денови, да раскажат анегдоти и да споделат совети со помладите колеги. Нивниот впечаток за посветеноста на професорите и вработените во библиотеката и деканатот останува позитивен. Дел од нив целиот овој период го гледаат како чин на живот, но најважно, како повторен почеток.

 

„Вие сте гордоста на ФЕИТ. Вие сте доказ дека еден факултет не го прават само зградите, опремата или програмите – туку луѓето кои поминале низ неговите двери и оставиле белег во општеството“, заклучи деканот Атанасовски.

 

Традицијата на доделување плакети – Златни дипломи е започната во 2019 година, по повод 60-годишниот јубилеј на ФЕИТ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.