„Приказната за Силјан“ со нова номинација: PGA Awards го признаа „total filmmaking“ на Котевска и Дакар
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 11 Декември 2025
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, кој веќе го откупи National Geographic Documentary Films за глобална дистрибуција, продолжува да жнее меѓународен успех. Филмот, во режија и продукција на Тамара Котевска и со директорот на фотографија и продуцент Жан Дакар (Jean Dakar), доби уште едно од најзначајните признанија во документарниот свет – номинација за PGA Awards (Producers Guild of America) во категоријата Исклучителен продуцент/и на документарен филм.
Оваа номинација има особена тежина бидејќи PGA наградува автори кои преземаат повеќе функции во создавањето на филмот и се изложуваат на надчовечки напори за да реализираат автентично документарно дело. Во светот на документаристиката, каде што авторите често се воедно режисери, продуценти, сниматели и теренски координатори, ова признание е потврда за нивната целосна посветеност, позната како „total filmmaking“.
Последниве два месеца, преку светските премиери и Q&A сесии, стана јасно што стои зад создавањето на „Приказната за Силјан“. Филмот е резултат на три години снимање во екстремни услови, живот на терен, спиење на депонии во прилагодено комбе и долги периоди на чекање на штрковите и нивните миграции, и сето тоа работено без формален буџет или традиционална продукциска инфраструктура. Producers Guild of America ја препозна токму оваа издржливост, креативна храброст и пожртвуваност на Котевска и Дакар.
„Оваа номинација за награда можат вистински да ја разберат само оние кои навистина го живеат филмот. За нас ова признание е за сите денови, ноќи, жртви и години посветени на оваа приказна, за животот на терен, за довербата што ни ја дадоа протагонистите и за моментите кога камерата престана да биде камера и стана дел од светот што го снимавме“, изјавија Тамара Котевска и Жан Дакар.
Процесот на снимање не бил само технички предизвик, туку и длабоко човечко вкоренување во средината, при што камерата, благодарение на ненаметливиот пристап, постепено престанала да биде забележлива и за луѓето и за штрковите.
Филмот веќе се вброи меѓу најрелевантните документарни остварувања на годината, по освоените две награди на IDA Documentary Awards за најдобар документарец и најдобра камера, како и по премиерите на најголемите светски фестивали, меѓу кои Венеција и Торонто. Откупот од National Geographic дополнително го засилува неговото глобално присуство и поддршка во тековната оскаровска кампања, бидејќи PGA Awards се сметаат за еден од најсилните индикатори во трката за Оскар.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












