Во чест на Свети Климент Охридски: „Мечтаење помеѓу празното и празнината“ во КИЦ Загреб
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 09 Декември 2025
Во Културно-информативниот центар (КИЦ) на Република Македонија во Загреб, со свечена програма беше одбележан празникот посветен на големиот просветител Свети Климент Охридски. Централен настан на одбележувањето беше мултимедијалниот проект „Мечтаење помеѓу празното и празнината“, кој претставува солистички концерт на авторска музика на Биљана Петровска (соло пијано) и сценска визуелна инсталација на Марина Цветановска-Мартиновска.
Проектот пред бројната публика го претстави македонското традиционално културно наследство преку современ и модерен израз. Специфичниот ритам и мелодиите на македонскиот фолклор се разработени во композициите на Биљана Петровска, надополнети со светлосна инсталација на Марина Цветановска-Мартиновска, која визуелно ги следеше музичкиот ритам и мелодиското движење. Двата оригинални изрази создадоа амбиентален визуелен звук, функционирајќи како една целина.
На свеченото одбележување, присутната публика ја поздравија Амбасадорот на Република Македонија во Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски, и директорката на КИЦ Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.
Амбасадорот Ѓурчевски, упатувајќи честитки по повод празникот, ја истакна големината и значењето на делото на Свети Климент Охридски. Директорката Ѓоргоска Илиевска, пак, потенцираше дека „Овој значаен и празнуван христијански, македонски и сесловенски ден... ја сфаќаме вредноста на вечната вистина дека вредноста на човековото битисување е длабоко вкоренета во делата, добрината и љубовта кои остануваат после нас“. Таа додаде дека кај народот постои огромна почит кон Светецот кој се вградува во колективната свест и трајната меморија.
Мултимедијалниот проект „Мечтаење помеѓу празното и празнината“ е дел од Годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб и е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












