Театар Комедија со десетта премиера: Вечерва „Анна“ во новото гледалиште
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 03 Декември 2025
Вечерва, со почеток во 20 часот, на сцената на Театар Комедија во Скопје премиерно ќе биде изведена претставата „Анна“, десетта премиера на театарот за 2025 година. Претставата е работена по текст на Драгана Лукан Николоски, а во режија на Нина Николиќ.
Драмата, инспирирана од ликот на „Ана Каренина“, но не како нејзина директна адаптација, ја истражува судбината на една современа жена. Ана има сè – углед, стабилност и совршено семејство, но е невидлива во својот живот. Нејзината средба со Алексеј ѝ дава илузија за слобода, покренувајќи го вечното прашање: Што губиме кога се обидуваме да се најдеме? Претставата е драма за бракот во кафез, за жената која избира да има избор и цената која ја плаќа, како и за бунтот кој може да стане ново ропство. Во режисерската експликација се поставува прашањето дали денес, по 150 години, Ана има шанса да победи.
Насловната улога ја толкува Маја Љутков, а во актерската екипа се и Благој Веселинов, Саша Ханџиќ, Маја Зеќо и Тони Денковски (глас). Сценографијата, дизајнот и графичката реализација се дело на Илина Ангеловска, костимите на Ивана Каранфиловска Угуровска, додека музиката ја потпишува Оливер Јосифовски.
Оваа последна премиера за годинава публиката ќе ја проследи во целосно обновено гледалиште на Театар Комедија. Театарот доби 305 целосно нови столчиња и ПВЦ-под, што со заеднички сили го овозможија Министерството за култура и туризам и Амбасадата на Република Полска преку програмата „Полска помош“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












