„Дон Кихот во Скопје“ на Дијана и Дино Имери триумфираше во црквата „Petite Etoile“
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 03 Декември 2025
Македонското музичко дело „Дон Кихот во Скопје“ од Дијана Имери Илкоска и Дино Имери, доживеа огромен успех на својата француска премиера, која се одржа на 30 ноември во волшебната париска црква „Petite Etoile“. Публиката со бурни овации и ентузијазам ја дочека моќната интерпретација, постојано враќајќи ги музичарите на сцената со силни и долги аплаузи.
Ова исклучително дело, кое македонската публика го слушна во октомври со Камерниот оркестар „ID“, ја започна својата прва меѓународна турнеја во Париз. Таму, тоа беше изведено од престижниот француски ансамбл „Хефестус“, под диригентската палка на Дијана Имери Илкоска, со Дино Имери како пијано-солист и Бојан Илкоски како концерт-мајстор.
Ко-авторката и диригентка, Дијана Имери Илкоска, изјави дека поканата за настап со ансамбл како „Хефестус“ е огромно признание. Таа ја пренесе силната емоција кога македонскиот 7/8 ритам од финалето на првиот став прозвучил меѓу делата на француските автори, на што публиката веднаш возвратила со громогласни аплаузи.
Пијанистот и ко-автор, Дино Имери, додаде дека приемот на делото ја потврдил универзалноста на борбата против „трите ветерници – неправдата, лицемерието и рамнодушноста“. Тој изрази посебна емоција што овој важен момент го делел со Дијана на подиумот, како и со концерт-мајсторот Бојан Илкоски и флејтистката Богдана Бушевска, која е „вистински амбасадор на македонската култура во Париз“.
Делото „Дон Кихот во Скопје“, напишано по нарачка на Шпанската амбасада, ја прераскажува борбата на Сервантесовиот херој против трите современи општествени предизвици. Музички, тоа претставува редок спој на шпански и македонски фолклор, обликуван во современ симфониски јазик преку инвентивна оркестрација.
Учеството на Дијана Имери Илкоска и Дино Имери во Париз беше овозможено со поддршка од Министерството за култура и туризам, а македонскиот „Дон Кихот“ со својот успех ја најави својата светска турнеја.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












