„Зимски МакеДокс“ на „Синедејс“: Три наградени документарци на фестивалското платно

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ со својата програма „Зимски МакеДокс“ гостува на 24-тото издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, кој се одржува од 3 до 10 декември во МКЦ и Кинотеката. Од 5 до 7 декември ќе биде прикажан избор на наградени долгометражни остварувања од 16-тото издание на „МакеДокс“.

 

Програмата започнува на 5 декември, во 19 часот, во МКЦ – Денсинг сала, со филмот „Ниедна друга земја“ од здружениот палестинско-израелски колектив (Басел Адра, Хамдан Балал, Јувал Абрахам, Рејчел Зар). Филмот, кој влезот ќе го има со слободен влез, ја раскажува приказната за младиот палестински активист Басел Адра и неговата борба против масовното протерување на неговата заедница на окупираниот Западен Брег. Ова дело ја освои Наградата за најдобри етички идеи и Посебно признание од жирито „Млад кромид“ на „МакеДокс“, како чин на креативен отпор кон Апартхејдот.

 

На 6 декември, во 21 часот, во МКЦ – Денсинг сала (билет: 200 денари), на програмата е „Фиуме или смрт!“ на Игор Бежиновиќ. Филмот на инвентивен и хумористичен начин го ревидира фактите и легендите за историски најбизарната воена окупација на Риека (Фиуме) од страна на поетот Габриеле Д’Анунцио во 1919 година. Ова дело ја доби наградата „Млад кромид“ за најдобар филм од млад автор, со образложение дека се осмелува да си игра и да се соочи со враќањето на фашизмот преку сатира.

 

За крај, на 7 декември, во 20 часот, во Кинотеката на РСМ (билет: 200 денари), ќе биде прикажан документарниот филм „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ. Ова е добитникот на главната награда „Кромид“ на 16. „МакеДокс“, за „откривањето на една невидена страна на македонското општество“. Филмот ја следи приказната за дервишкиот ред бекташи во тутунарското село Канатларци, прикажувајќи како родовата еднаквост цвета во рурална заедница посветена на религијата и традицијата.

 

Настанот „Зимски МакеДокс“ е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија и платформата „Movies that Matter“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.