Царина доби софистициран скенер со вештачка интелигенција

Царинската управа го засили својот капацитет за борба против шверцот со поставување нов, софистициран скенер во Царинската испостава Пошта. Овој скенер, опремен со вештачка интелигенција, има капацитет да скенира стотици поштенски пратки во минута и ќе помага во детекција на огнено оружје, дрога и експлозиви.

 

Опремата е донација од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ) во рамки на проектот „Хермес 2“, чија цел е спречување на нелегалната трговија со огнено оружје и експлозиви преку поштенски пратки во земјите од Западен Балкан.

 

Директорот на Царина, Николовски, истакна дека овој скенер е од големо значење во заедничката борба против тероризмот, спречувањето на пролиферацијата на мало и лесно оружје и недозволената трговија со дрога. „Годинава во царинската испостава Пошта, каде е поставен скенерот, поминале над 100 илјади пратки, што кажува за значењето што оваа опрема ќе го има врз контролата. На овој начин, службите ќе бидат насочени да извршат навремена и прецизна проверка на сомнителните пратки“, рече Николовски.

 

Тој потенцираше дека донацијата е силен доказ за заедничката посветеност на државите во справувањето со криминалот на меѓународно ниво, преку здружени напори. Николовски упати благодарност до УНОДЦ и до земјите донатори: Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка.

 

Киро Цветков, програмски офицер на УНОДЦ, објасни дека еден од најчестите начини на криумчарење оружје е преку испраќање на нивни делови и компоненти во поштенски пратки. „Со донацијата на скенерот, ставаме акцент на деловите и компонентите преку вградена вештачка интелигенција која ги препознава и ги детектира сомнителните пратки“, истакна Цветков. Тој најави и измени на Законот за кривична постапка, кои ќе овозможат употреба на посебни истражни мерки за делата поврзани со делови и компоненти на огнено оружје, со што би се овозможило фаќање на сторителите.

 

Директорот на АД Пошта, Орхан Куртиши, изрази благодарност за обуката низ која поминале службите кои ќе работат на скенерот, нагласувајќи ја важноста на опремата во навремено откривање на пратки со забранети супстанци.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.