Чембалистката Цветанка Созовска со соло рецитал во Македонската филхармонија

Една од најистакнатите македонски чембалистки, Цветанка Созовска, која долги години живее и твори во Холандија, ќе одржи соло рецитал во Камерната сала на Македонската филхармонија. Концертот е закажан за четврток, со почеток во 20:0сот, а публиката ќе има можност да ужива во дела од најголемите мајстори на класичната музика.

 

На програмата се композиции од еминентни имиња како Јохан Себастијан Бах, Франсоа Купрен, Волфганг А. Моцарт и Доменико Скарлати, како и избор од творештвото на македонскиот композитор Томислав Зографски.

 

Цветанка Созовска своето музичко образование го започнува со пијано, а во 1996 година дипломира во класата на рускиот пијанист и органист Борис Романов на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со просек 10. Потоа, специјализацијата во областа на барокната музика ја води во Хаг, Холандија, каде ги заокружува додипломските и постдипломските студии по чембало на Кралскиот Конзерваториум.

 

Нејзината богата меѓународна кариера вклучува настапи како солист и камерен музичар низ цела Европа и Јужна Кореја. Таа била член на Барокниот Оркестар на Европската Унија (ЕУБО) и соработувала со врвни имиња како Фабио Бионди, Рајнхард Гебел и Сер Невил Маринер. Како корепетитор на оперската продукција „Les Indes Galantes“, таа работела под раководство на маестро Франс Брухен од Оркестарот на 18-тиот век. Во последните години, таа е редовен член на Меѓународниот Исландски Барокен Оркестар и дел од барокниот ансамбл „Театро ала Мода“, кој во 2021 година гостуваше и на „Охридско лето“.

 

Созовска во моментов живее и работи во Хаг како изведувач, професор по пијано и чембало, и хорски диригент. Таа предава чембало и раководеше со програмата за млади таленти „Трајектум“ во музичкото училиште ДУМС во Утрехт, и повеќе од две децении предава пијано во регионот на Хаг.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.