„Мајка“ на Теона Стругар Митевска освојува: Филмот се прикажува во 230 киносали низ Франција

Филмското остварување „Мајка“, најновото дело на режисерката Теона Стругар Митевска, од 3 декември официјално започнува со широка дистрибуција во Франција. Филмот ќе биде прикажан во 230 киносали во првите две недели, комбинирајќи артхаус простори и големи комерцијални кина. Дополнително, 600 киносали низ Франција веќе го вклучиле филмот во своите долгорочни репертоари, што претставува редок и значаен успех за регионален филм во францускиот дистрибутивен систем.

 

Премиерата во Париз помина со исклучителен интерес, при што UGC Bercy беше целосно распродаден, а проекцијата во Pathé Convention се одржа со висока посетеност, што го потврдува зрелиот интерес на француската публика.

 

Во рамките на промотивната турнеја, филмот беше претставен пред водечките француски медиуми, меѓу кои Télérama, Europe 1, INA, Elle и Le Journal du Dimanche, при што доби силно позитивни критики. Критичарите ја истакнуваат тематската длабочина, авторската зрелост и уметничката актуелност на „Мајка“.

 

Актерските интерпретации се посебно пофалени, каде Номи Рапас се издвојува со една од нејзините најсилни изведби, додека Никола Ристановски носи суптилен и емотивно комплексен настап кој оставил длабок впечаток меѓу европските гледачи и критичари.

 

Филмот е веќе продаден за дистрибуција во повеќе од 40 земји, што сведочи за неговиот силен глобален досег. Само во октомври и ноември, „Мајка“ беше прикажан на 26 меѓународни фестивали каде доби значајно внимание и позитивни оценки. Оваа есен, филмот имаше силно присуство на престижни фестивали како London FF, Ghent FF, Cannes Rencontres Cinématographiques, како и на прекуокеанските фестивали во Токио и Рио де Жанеиро. Значајна е и селекцијата на Camerimage FF во Полска, еден од најпрестижните фестивали за директори на фотографија.

 

Во декември филмот пристигнува и пред домашната публика и ќе биде на редовниот репертоар во Кинотеката на Македонија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.