ФОЛКОНИКА издаде музичка фолк сликовница со новокомпонираната народна песна -„Фана мома најлична“
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 28 Ноември 2025
Центарот за зачувување и развој на македонската фолк музика, фолклорното творештво, едукација и иновации за деца – Фолконика, го збогати македонското детско издаваштво со уникатен проект: музичка фолк сликовница базирана на новокомпонираната народна песна „Фана мома најлична“. Со овој иновативен чекор, Фолконика ја продолжува мисијата за пренесување на македонското народно богатство на младите генерации.
Сликовницата е создадена по текст на еден од најпризнатите македонски текстописци, Огнен Неделковски, чии дела, препознатливи по силните емоции, се изведувани од бројни популарни пејачи. Музиката е дело на талентираниот Тоде Спасовски, автор на многубројни народни песни кои успешно ја спојуваат традицијата со современиот музички израз. Песната „Фана мома најлична“ беше изведена од фолк пејачот Душко Георгиевски на фестивалот „Тетовски Фолк Фест“ уште во 1998 година.
Визуелното искуство во сликовницата ја доловува магијата на песната преку уникатни илустрации, раскажувајќи ја приказната за девојката Фана на начин кој е привлечен и за децата и за возрасните почитувачи на македонската народна традиција.
Ова издание има значајна едукативна вредност. Преку интерактивно читање и музичка интерпретација, младата публика се запознава со македонската културна и музичка традиција, развивајќи љубов кон народните приказни и автентичната македонска култура. Сликовницата претставува голем придонес за детското издаваштво бидејќи комбинира музика, литература и визуелна уметност во едно целосно искуство. На страниците се вклучени мелографијата и текстот на песната, како и едукативен дел за учење свирење и запознавање со музичките инструменти преку боење и креативност.
Сликовницата „Фана мома најлична“ е повеќе од само печатено издание – таа е патување низ македонската народна традиција, пренесено на хартија и низ мелодијата на современа интерпретација. Овој проект, кој поттикнува креативност и музичко и ликовно образование, произлезе од проектот „Народна музика, слики и традиција“, кој за дел од активностите беше поддржан од Општина Гази Баба. Фолконика изразува голема благодарност до авторите Неделковски и Спасовски за отстапените авторски права, со што заеднички придонесуваат кон оставање трајни вредности во македонската народна музичка традиција за идните генерации.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












