Градот Скопје во обемна акција: Се воспоставува ред на „Пластичарска“ и се постапува на „Зимзоленд“

Градот Скопје денеска спроведе обемна и координирана акција со цел воспоставување ред, контрола и почитување на законските прописи на јавните простори низ целата територија на градот. Во акцијата учествуваа градскиот инспекторат, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и Министерството за внатрешни работи (МВР), а активностите беа насочени кон отстранување на нередот и незаконското делување на улицата „Пластичарска“ и на локацијата „Зимзоленд“.

 

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на социјалните мрежи информираше дека се преземени конкретни мерки и изречени се повеќе од 20 казни.

 

„Како што најавив, така и постапуваме. Нема отстапки, нема компромиси со хаосот. Ги отстрануваме сите појави кои го узурпираат просторот што им припаѓа на скопјани, го попречуваат движењето и го нарушуваат јавниот ред“, истакна Ѓорѓиевски.

 

На улицата „Пластичарска“, вработените од ЈП „Градски паркинг“ ги отстрануваа неправилно паркираните возила долж улицата, со цел да се врати функционалноста на јавниот простор.

 

По пријави од граѓани, градскиот Инспекторат постапил и на локацијата „Зимзоленд“. Утврдено е дека Градот Скопје нема дадено дозвола за вршење дејност на таа локација. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект. Дополнително, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи.

 

Градоначалникот најави дека Градот Скопје ќе продолжи бескомпромисно да се бори против секоја неправилност, узурпација и хаос, со цел Скопје да биде град во кој владеат правила, а скопјани да имаат достоинствено, безбедно и уредено место за живеење.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.