Скопје и Париз ја зајакнуваат соработката

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, на која беше претставена визијата за долгорочен развој на главниот град, заснована на одржливи политики и европски стандарди.

 

По средбата, градоначалникот Ѓорѓиевски изјави дека разговорот бил исклучително плоден и ја истакна заложбата на Скопје кон целосна интеграција на европските стандарди во економскиот раст, културниот развој и зелените политики.

 

„Во текот на разговорот, му ја претставив визијата за развој на Скопје која е заснована на јасна стратегија, долгорочни политики и силни принципи на одржливост. Исто така, разговаравме за продлабочување на соработката со збратимениот град Дижон, како и отворање нови можности за заеднички проекти и иницијативи од интерес за граѓаните“, рече Ѓорѓиевски.

 

Амбасадорот Ле Риголер, пак, ја изразил подготвеноста на Франција да споделува искуства и иницијативи кои можат значајно да придонесат за подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во главниот град.

 

Двајцата соговорници ја нагласија важноста од континуирана институционална комуникација и координација, со цел отворање на нови можности за партнерства и долгорочни проекти. Градоначалникот Ѓорѓиевски изрази уверување дека оваа соработка ќе придонесе Скопје да продолжи да се развива како современ, европски град, отворен кон светот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.