Скопје бара системски решенија: Градоначалникот Ѓорѓиевски најави „Нула несреќи“ до 2030 година

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, учествуваше на Националната конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“, организирана од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП). На конференцијата, тој ја истакна клучната важност на системските решенија, модерната инфраструктура и координираниот пристап за создавање побезбедно, современо и функционално Скопје.

 

Во своето обраќање, Ѓорѓиевски го нагласи предизвикот што го претставува динамичниот сообраќај во метрополата, потенцирајќи дека безбедноста е заедничка задача која ги обврзува сите – од институциите и јавните претпријатија (ЈП „Улици и патишта“, ЈСП) до училиштата, медиумите и граѓаните.

 

„Безбедноста во сообраќајот не се сведува само на семафори или пешачки премини, туку тоа е цел систем кој ги менува навиките, односот и свеста на учесниците. Брзото возење, непочитувањето на правилата и игнорирањето на пешачките премини мора да станат исклучок, а не секојдневие“, изјави градоначалникот.

 

Како клучно системско решение, Ѓорѓиевски го најави новиот Safe City систем, кој веќе пробно функционира преку опомени. Тој најави дека од Нова година, системот ќе почне да ги казнува несовесните возачи. Со ова, директно ќе се намалат прекршоците, ќе се поттикне култура на одговорно возење и ќе се обезбеди сигурност на улиците за сите.

 

Градоначалникот се осврна и на клучните инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за зголемување на безбедноста и растеретување на сообраќајниот хаос, меѓу кои: кружниот тек и подземната сообраќајница кај Лимак, двата кружни тека кај „Тобако 2“, новото сообраќајно решение во Бутел и модерното решение со кружен тек во центарот на Ѓорче Петров.

 

Сите овие активности се дел од визијата „Нула несреќи“, со која Градот Скопје се обврзува до 2030 година да реконструира и унапреди 50 опасни крстосници и улици по европски стандарди. Крајната цел е Скопје да биде побезбеден град од просекот на главните градови во Западен Балкан, каде животот на граѓаните е заштитен, а ризикот од смрт или сериозни повреди во сообраќајот е минимизиран.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.