Скопје и Анкара ги зацврстуваат врските: Градоначалникот Ѓорѓиевски разговараше со амбасадорот Улусој за урбан развој и инфраструктура
- Детали
- Категорија: Град Скопје
- Создадено: 27 Ноември 2025
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера оствари работна средба со делегација од Република Турција, предводена од амбасадорот Н.Е. Фатих Улусој, со цел унапредување на меѓународната соработка и размена на добри практики со партнерската земја. Делегацијата ја сочинуваа и претставници од Амбасадата, ТИКА Скопје, Турскиот културен центар и фондацијата „Маариф“.
Ѓорѓиевски го запознал амбасадорот Улусој со визијата и програмата на Град Скопје за создавање современ, паметен и урбан град, нагласувајќи ја заложбата за забрзан развој. Заеднички биле потенцирани долгогодишната соработка и традиционално добрите односи меѓу Северна Македонија и Турција.
Како што соопшти градоначалникот, на средбата се разговарало за тековните активности на Градот и можностите за понатамошно унапредување на партнерството, особено во клучните сфери како што се урбаниот развој, инфраструктурните проекти, културната размена и соработката со бизнис-заедницата.
„Посебно внимание посветивме на потенцијалните иницијативи кои би донеле конкретни придобивки за граѓаните на Скопје, како и на размена на добри практики во локалното управување“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој ја нагласил подготвеноста на Град Скопје за продлабочување на односите, додека амбасадорот Улусој ја истакнал континуираната поддршка на Турција за развојните процеси во главниот град. Двете страни заеднички го потврдија потенцијалот за нови иницијативи и активности што ќе придонесат за подобар квалитет на живот на скопјани и за понатамошно зацврстување на меѓусебната соработка.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












