Објавени новиот Кум и Здравичар за Бадник 2026: Зоран Кондратенко и Јаков Дренковски ја продолжуваат традицијата

Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“ денеска ги претстави водечките личности кои ќе ги извршуваат бадникарските функции за 2026 година. Честа да бидат нови Кум и Здравичар им припадна на претприемачот и експерт во енергетиката Зоран Кондратенко (Кум) и урбаниот трубадур Јаков Дренковски (Здравичар).

 

Двајцата се заблагодарија за укажаната чест, истакнувајќи дека прифаќањето на оваа функција претставува голема радост и гордост за нив и нивните семејства.

 

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, упати честитки до новоизбраните, посочувајќи дека станува збор за убава традиција стара повеќе од три децении. Герасимовски изрази увереност дека соработката со Бадникарското здружение ќе продолжи да се продлабочува во духот на верата, надежта и љубовта, со цел зачувување и развој на оваа традиција.

 

Кумството и здравичарството се централни во прославата на големиот христијански празник: Кумот Кондратенко ќе го понесе ќупот за Бадник 2026, додека Здравичарот Дренковски ќе ја изговори традиционалната здравица на платото пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ на 6 јануари.

 

Новиот Кум и Здравичар ги поканија сите скопјани да им се придружат в недела, на 21 декември, напладне, во месноста Краста, на јужните падини на Водно, каде ќе засечат бадникарски гранчиња за успешен почеток на новата година. Гранчињата потоа ќе им бидат поделени на верниците на централната свеченост пред Храмот на 6 јануари.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.