Центарци со јасни барања за Буџетот 2026: Повеќе зеленило и уредување на потегот околу Зелен пазар

Општина Центар го одржа вториот буџетски форум во ООУ „Димитар Миладинов“, каде граѓаните активно учествуваа во дефинирањето на приоритетите за 2026 година. Форумот се одвиваше во конструктивна атмосфера, со отворена дискусија меѓу раководството на општината, советниците, администрацијата и присутните жители, што ја потврдува транспарентноста и отчетноста во креирањето на буџетот.

 

Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека гласот на граѓаните и нивните потреби се од најголема важност, бидејќи тие најдобро знаат што недостига во нивните маала. Тој пред присутните го презентираше она што е реализирано во 2025 година, како и плановите за наредната година.

 

На работните маси поделени по сектори, граѓаните доставија бројни предлози и барања. Во комуналната сфера, главен фокус беше ставен на хортикултурно и партерно уредување на просторот кај Зелен пазар, зголемување и подобро одржување на зелените површини, санација на подземните гаражи и збогатување на населбите со урбана опрема.

 

Во областа на образованието, како приоритети беа истакнати реконструкција на училишните дворови, санација на покриви каде што има протекувања и поставување лифтови во училиштата каде што е потребна подобра пристапност.

 

За културата беа предложени интерактивни аудиовизуелни проекти за ученици, мобилни галерии, скулптурни инсталации и активности за поттикнување на креативноста во јавниот простор.

 

Граѓаните, исто така, побараа санирање на фасадите, на што општинската администрација информираше дека во Буџетот се предвидени субвенции за нивна обнова. Поддршката изнесува 30% од вредноста, со можност секоја станбена заедница да аплицира за финансиска поддршка до 1.000.000 денари.

 

Жителите околу Зелен пазар го отворија и прашањето за дивите пазарџии, за што градоначалникот посочи дека е потребна засилена инспекција и координирана акција на повеќе институции, вклучувајќи ги МВР и Државниот Пазарен Инспекторат, за трајно решавање на проблемот.

 

Форумите, заедно со електронскиот анкетен прашалник, се најважните механизми преку кои Општина Центар ги идентификува потребите на граѓаните, обезбедувајќи буџетот да ги одразува реалните приоритети на заедницата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.