Општините не смеат да бидат заложници на политиката: Герасимовски за унапредување на децентрализацијата

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, учествуваше на панел-дискусијата „Перспективи за унапредување на децентрализацијата и локалното управување“, во рамки на Годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација. Во своето обраќање, тој истакна дека децентрализацијата е темел на современото управување и дека општините мора да функционираат како сервис на граѓаните, а не да бидат предмет на политички блокади.

 

„Без оглед на различните политички определби, јас верувам дека соработката меѓу централната и локалната власт мора да биде над дневната политика. Децентрализацијата е темел на современото управување, а општината е сервис на граѓаните, не место за политички блокади“, нагласи Герасимовски.

 

Тој ја потенцираше потребата од континуирано јакнење на процесот на децентрализација, продлабочување на меѓуопштинската соработка, активна улога во ЗЕЛС и координирано делување со државните институции, сето тоа во интерес на граѓаните.

 

Герасимовски потсети и на фактот дека Скопје во 2028 година ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата и дека Општина Центар, како урбано и културно средиште, ќе биде главен домаќин на голем дел од програмските активности. Поради тоа, неопходно е координирано делување меѓу Градот Скопје, општините и извршната власт уште од раната фаза на планирање, бидејќи успехот на проектот зависи од начинот на кој Центар ќе ја поддржи програмата што ќе ја претстави државата пред Европа.

 

Градоначалникот ја нагласи и важноста на ЗЕЛС како клучен механизам преку кој градоначалниците ги доставуваат своите предлози и забелешки за законите и политиките што директно ги засегаат локалните самоуправи.

 

Тој потсети на сите законски иницијативи што Општина Центар ги има доставено, вклучувајќи ги предлог измените на Законот за градежно земјиште, иницијативата за справување со малолетниот вандализам, како и веќе прифатената измена на Законот за управување со конфискуван имот, која овозможува пренамена на дивоградбите во објекти од јавен интерес.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.