ЈП „ПОЦ“ – Инклузивен работодавач: Признание за залагањето за еднакви можности
- Детали
- Категорија: Центар
- Создадено: 03 Декември 2025
ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) доби високо признание на овогодинешните Ability Awards 2025, настан посветен на промоција на инклузијата и создавањето еднакви можности по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Претпријатието се стекна со една од десетте традиционални награди, добивајќи го признанието „Инклузивен работодавач“.
Оваа награда претставува потврда за континуираните напори на ЈП ПОЦ да обезбеди достапна и поддржувачка работна средина за сите. Директорот на претпријатието, Душко Коцевски, во своето обраќање истакна: „Во нашето претпријатие, лицата со попреченост не се бројки или формалност. Тие се наши колеги, наши соработници и важен дел од тимот. Работат во повеќе служби и секојдневно покажуваат дека професионалноста, посветеноста и одговорноста се вредности кои не познаваат ограничувања.“
Дополнително, инклузијата во ЈП ПОЦ не се ограничува само на вработувањето, туку се однесува и на услугите за граѓаните со попреченост. Тие имаат можност да аплицираат за паркинг-дозволи во текот на целата година и да користат највисоки привилегии во системот на паркирање. Бројот на резервирани паркинг-места, како што беше истакнато, се адаптира и зголемува согласно реалните потреби, честопати и над законскиот минимум.
„Горди сме што обезбедуваме достоинствен пристап до услугите за сите. Но најмногу сум горд на тимот што секојдневно покажува колегијалност, разбирање и човечност. Оваа награда ја прифаќаме како обврска да продолжиме уште посилно – да отвараме нови можности, да рушиме бариери и да создаваме општество во кое секој може да учествува рамноправно“, заклучи директорот Коцевски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












