Општина Центар блесна: Украсени десет локации, се најавува богата празнична програма
- Детали
- Категорија: Центар
- Создадено: 01 Декември 2025
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информираше дека општината е целосно подготвена за претстојните празници, со завршено украсување на десет клучни локации.
„Центар блесна уште пред неколку дена“, изјави градоначалникот Герасимовски во гостување на утринската програма на МРТВ. Тој прецизираше дека е украсено на повеќе локации, вклучувајќи ги Дебар Маало, улиците Орце Николов и Боемска, Сквер Јадран, двата парка во Капиштец и плочникот кај Агромеханика, со вкупно десет накитени места. „Целта ни е да ја разбудиме новогодишната магија и да создадеме убава празнична атмосфера во која ќе уживаат и нашите најмали, децата“, додаде тој.
Герасимовски најави дека и оваа година Општината подготвува богата културно-уметничка програма за празничниот период.
„Ќе имаме неколку настани во декември. Подготвуваме централна вечер, која традиционално ја правиме неколку дена пред самата новогодишна ноќ. Планираме неколку изведувачи, се разбира македонски, тоа е наш белег, да ја промовираме и негуваме домашната музичка сцена. Ќе има и диџеј, но и интересни дружби со нашите најмали“, истакна градоначалникот. Тој додаде дека продолжуваат со одличниот настан „Џез под ламба“, најавувајќи и многу други изненадувања не само за центарци, туку и за сите кои ќе бидат гости на општината за празниците.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












