Општина Центар и УНИЦЕФ започнуваат пилот-проект
- Детали
- Категорија: Центар
- Создадено: 01 Декември 2025
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, одржа работен состанок со тимот на УНИЦЕФ, предводен од претставничката на организацијата во земјава, Лесли Милер, со фокус на превенцијата на вандализмот и воведувањето на општокорисна работа како воспитна мерка за малолетните лица.
На состанокот беа разгледани насоките за склучување меморандум за меѓународна соработка и за отпочнување пилот-проект во општинските училишта. Овој проект предвидува активно вклучување на учениците, наставниците и родителите, со цел изнаоѓање решенија и спроведување координирани активности за превенција на девијантните појави кај малолетниците. Експертите од УНИЦЕФ споделија успешни искуства од регионот и светот, нагласувајќи дека проблемите поврзани со децата можат да се надминат само преку обуки, едукација и активно учество на целата заедница.
Општина Центар беше првата која ја покрена оваа значајна иницијатива, подоцна поддржана и од ЗЕЛС, за воведување на општокорисна работа како воспитна мерка за малолетните сторители на вандализам, што е дел од заложбите за меѓуинституционална соработка. Градоначалникот Герасимовски истакна дека вандализмот е сериозен проблем кој бара итна и координирана реакција. „Малолетните сторители мора да се соочат со одговорност, заедно со нивните родители“, порача Герасимовски.
Иницијативата предвидува системски измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел општокорисната работа да стане мерка за превенција и ресоцијализација. Дополнително, се бараат измени во Законот за семејство и Законот за извршување санкции, со кои би се вовела и одговорност на родителите, вклучувајќи ги во заедничко учество во општокорисната работа. Се разговараше и за потребата од дополнителна регулација во областа на правата на децата и малолетничката деликвенција, преку подзаконска рамка и унифицирање на постапувањето на сите надлежни институции на државно ниво.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












