Општина Центар бара интервенција на приватен имот за да се спречи катастрофа
- Детали
- Категорија: Центар
- Создадено: 27 Ноември 2025
По иницијатива на Општина Центар, денеска се одржа итен координативен состанок со клучните државни и локални институции, вклучувајќи ги ЦУК, ДЗС, МВР, ИЗИИС, Град Скопје, Градежен факултет и други, со цел да се превенира активирање и ширење на свлечиштето на падините на Водно, во близина на улиците „Белградска“ и „Партенија Зографски“.
На состанокот биле донесени јасни заклучоци кои веднаш ќе бидат доставени до Владата на Северна Македонија. Главниот заклучок е барање за итно преземање мерки за обезбедување технички и правни услови за санација на свлечиштето и регулирање на атмосферските води.
Стручните служби констатирале дека за стабилизација на свлечиштето е неопходно да се изгради потпорен ѕид. Сепак, проблемот лежи во тоа што локацијата каде што треба да се изведуваат градежните работи се наоѓа на приватен имот, поради што ниту една институција, вклучувајќи ја и Општина Центар, не смее да спроведе такви активности без соодветна одлука од Владата.
Дополнително, беше констатирано дека уште во 2022 година Град Скопје бил задолжен со записник од ЦУК да изработи проектна документација за прифаќање на атмосферските води од Водно, со цел да се реши проблемот со одводнување на сливните води.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја нагласи сериозноста на ситуацијата. „Се работи за сериозна ситуација која бара координирано дејствување и постапување строго согласно ингеренциите на секоја институција. Само така можеме навреме да го решиме проблемот и да спречиме поголеми последици. Општина Центар останува целосно подготвена да ги преземе сите обврски што се во наша надлежност“, рече Герасимовски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












