Гувернерот Славески: Финтек-иновациите ја обликуваат иднината на македонскиот финансиски сектор

Гувернерот на Народната банка (НБ), д-р Трајко Славески, истакна дека финтек-иновациите имаат клучна улога во обликувањето на иднината на македонскиот финансиски сектор. На Конференцијата за европска економска интеграција (CEEI 2025) во Виена, во организација на Народната банка на Австрија, Славески потенцираше дека овие иновации значително го олеснуваат пристапот до финансии за граѓаните и за малите и средните претпријатија, ја намалуваат цената на трансакциите и поттикнуваат развој на нови дигитални услуги.

 

Гувернерот се осврна на активностите на Народната банка во поддршка на овој тренд. НБ веќе воспостави платформа за поддршка на финтек-инвестициите, наречена „Порта за иновации“, како и Работна група за финтек, а усвоена е и Стратегија за периодот 2023–2027 година, насочена кон поддршка на иновативните и стартап-компаниите. Со усогласувањето на Законот за платежни услуги и платни системи со рамката на Европската Унија, овозможени се поефикасни и поевтини плаќања, а досега се лиценцирани пет платежни институции и три даватели на електронски пари.

 

Славески посочи дека македонските банки активно инвестираат во дигитализацијата, вклучувајќи примена на биометриска идентификација, технологии во облак и вештачка интелигенција, при што расте и соработката со финтек-компаниите. Народната банка, исто така, работи на регулативни мерки за заштита на корисниците од онлајн измами и злоупотреба на личните податоци, како и на подигање на финансиската и дигиталната писменост.

 

На крајот, гувернерот истакна дека довербата во домашната валута е клучот за развојот на локалните пазари на капитал. Регионалната интеграција и приближувањето кон ЕУ и еврозоната, според него, може да донесат пониски трошоци за финансирање, поголема доверба и зголемени инвестиции. Народната банка најави дека и во иднина ќе ги поддржува иновациите во финансискиот сектор, обезбедувајќи стабилност и услови за одржлив економски раст.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.