Нови инвестиции во училиштата во Бунарџик и Кадино

Општина Илинден продолжува со активни вложувања во унапредување на воспитно-образовниот процес, реализирајќи нови инвестиции во ООУ „Ристо Крле“ во населените места Бунарџик и Кадино. Со овие активности, локалната самоуправа уште еднаш ја потврдува својата заложба за подобрување на условите за учење и развој на учениците во сите делови на општината.

 

Градоначалникот Александар Георгиевски изврши увид во реализираните зафати во подрачното училиште во Бунарџик, при што нагласи дека образованието останува еден од клучните приоритети на Општина Илинден. Тој истакна дека вложувањата во училиштата претставуваат директна инвестиција во иднината на општината и во благосостојбата на младите.

 

Во рамки на проектите, во подрачното училиште во Бунарџик е адаптирана просторија за одделенска настава, како и мини сала за физичко и здравствено образование, опремена со потребни спортски реквизити. Во централното училиште во Кадино, пак, поставени се нови чешми и сензорни диспанзери за течен сапун, извршена е замена на санитарната опрема и огледалата, а училишната библиотека е збогатена со околу 300 нови лектирни наслови.

 

Од Општина Илинден посочуваат дека ќе продолжат со континуирани активности за подобрување на училишната инфраструктура и создавање современи и безбедни услови за образование, со цел сите ученици да имаат еднакви можности за квалитетно учење и развој.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.