Димитровски на состанок во САД
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 10 Декември 2025
Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска учествуваше на состанокот на Партнерската Комисија на САД – Јадранската Повелба (А5), кој се одржа во Мостар, Босна и Херцеговина, со што беше заокружено претседавањето на БиХ со Повелбата.
На министерскиот состанок, на кој присуствуваа претставници од земјите членки (Хрватска, Црна Гора, Албанија и САД) и земјите набљудувачи (Србија, Косово и Словенија), беше извршена размена на мислења во однос на актуелните безбедносни предизвици во регионот. Фокусот беше ставен на современите хибридни закани, сајбер-ризиците, дезинформациските кампањи и последиците од природните непогоди. Учесниците ја нагласија потребата од координиран и засилен пристап, размена на информации и развивање на усогласени механизми за брза реакција.
Заменик министерот Димитровски ја реафирмираше силната посветеност на Македонија кон зајакнување на улогата на А5 како уникатна регионална платформа за градење стабилност, безбедност и евро-атлантска ориентација на Западен Балкан.
„Нашата силна посветеност кон САД – Јадранската Повелба останува непроменета. Нашето брзо членство во Европската унија, како и членството на сите земји од регионот, е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа," истакна Димитровски.
Тој ја подвлече и стратешката важност на унапредувањето на евро-атлантските процеси како алатка за зголемена отпорност и намалување на дестабилизирачките влијанија врз регионот.
На крајот од состанокот, земјите-членки ја изразија својата поддршка за претстојното преземање на претседавањето со САД – Јадранската Повелба во 2026 година од страна на Република Хрватска.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












