СЕММ: Половина од прекршувањата на Кодексот за 2025 се за неточно информирање

До Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во текот на 2025 година бea поднесени 244 жалби за медиумски содржини, што е рекорден број претставки за една година.

Од нив, 96 се разгледани од Комисијата за жалби и се донесени 47 одлуки (за членови на СЕММ) и 43 мислења (за медиуми што не се членови на СЕММ), додека за 145 е оценето дека немаат основа за разгледување поради поминат рок, непознат жалител или, пак, се однесуваат на странски медиуми за што Комисијата не е надлежна.

Најголем број од жалбите, преку 130, без основа за разгледување се однесуваа за медиумското известување за трагедијата во Кочани, главно за странски портали и телевизии, а беа поднесени во интервал од неколку часови на 21 март 2025 година.

Прекршување на Кодексот на новинари е утврдено во 58 жалби, додека во 32 жалби е утврдено дека нема прекршувања на професионалните и етички новинарски стандарди. Шест жалби се решени по пат на медијација или со т.н „пријателско решение“ меѓу жалителот и медиумот.

Најчестите подносители на жалби, со основа за да бидат разгледани, (36) се во групата „политичари, носители на јавни функции и јавни институции“. 25 жалби се поднесени од граѓани, 22 – од организации и здруженија од граѓанскиот сектор, 6 – од медиуми или новинари, 6 – од политички партии, додека жалители од други категории имаат поднесено уште 4 жалби.

И во 2025, како и во претходните години, жалителите главно се поплакуваа на содржини објавени на интернет порталите – дури 78 од разгледаните 96 жалби. На печатените изданија и нивното веб-издание се однесуваат 11 жалби, на веб-страниците на телевизиите – 6 жалби и една жалба е за телевизиска содржина.

Најчесто прекршуван член од Кодексот на новинари на Македонија и во 2025 година според статистиката на СЕММ е Членот 1 кој  од новинарот бара да објавува точни и проверени информации од најмалку два независни извори. Потоа, според прекршувањето следува Членот 3 – кој вели дека „новинарот ќе настојува да објави исправка, демант или одговор кога ќе биде утврдена неточност на информацијата“. На третото место според бројот на прекршувања е Членот 10 од Кодексот – кој од новинарот бара да не создава ниту преарботува говор на омраза или дискриминација по која било основа.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.