„Глумците пеат“ и годинава ќе го одбележат Светскиот ден на театарот

Манифестацијата „Глумците пеат“ на 24 и 25 март во Македонскиот народен театар повторно ќе го одбележи Светскиот ден на театарот.

 

Годинава шоуто е посветено на македонската музика од различни периоди – песни што публиката ги знае, но ќе ги слушне во нова актерска интерпретација. Покрај соло изведби, на сцената ќе има и повеќе дуети и групни точки, што носат поинаква динамика и сценска енергија.

На сцената ќе настапат актери од повеќе генерации, добро познатите што до сега ја кревале публиката на нозе, но и нови имиња кои за првпат ќе бидат дел од проектот.

Режијата е на Дејан Пројковски, а актерите ќе ги придружува оркестар под диригентска палка на маестро Љупчо Мирковски. Аранжманите се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска.

Глумците пеат“ не е претстава, ниту концерт, туку спој на театар и музика што им овозможува на глумците барем една вечер да бидат поинакви од она што вообичаено го работат на своите сцени. Имаме многу талентирани уметници кои со голема посветеност ги подготвуваат своите точки и едвај чекаат да ги споделат со публиката, велат организаторите.

Проектот продолжува како наследство на Марин Бабиќ, кој во 1990-тите го создаде шоуто, а подоцна беше возобновен од неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ.

Картите за двата датума се во продажба преку платформата MkTickets.mk.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.