„МакеДокс“ го прикажува документарецот „Тата“ со дискусија за семејното насилство и миграцијата

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во рамките на програмата „Зимски МакеДокс“ организира проекција на документарниот филм „Тата“ на Лина Вдови и Раду Чорнициу. Проекцијата ќе се одржи на 11 февруари, во 20 часот, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, а влезот е слободен. По прикажувањето ќе следи дискусија со режисерите и експерти за темата.

 

„Тата“ (Романија / Германија / Холандија, 2024, 84 минути) го раскажува интимниот и суров портрет на семејство заробено во генерациски образец на насилство и токсична машкост. Лина, молдавска новинарка, по години отуѓеност, добива видеопорака од својот татко, мигрант во Италија, на која се видливи модринки на неговите раце. Таа со скриена камера тргнува по правда, но и по лична вистина, обидувајќи се да го прекине циклусот на насилство за себе и за следната генерација.

 

Филмот е снимен во Италија, Молдавија и Романија, а режијата, сценариото и камерата се на Лина Вдови и Раду Чорнициу. Монтажата е дело на Ана Фабини, Андреј Горган, Ципријан Цимпои и Делија Онига, звукот го потпишува Хуго Дијкстал, а музиката Јерг Фолерт. Продукцијата е на „Манифест филм“ во копродукција со „Корсо филм“.

 

По светската премиера на Торонто интернационален филмски фестивал во 2024 година, „Тата“ учествуваше на значајни фестивали за документарен филм и човекови права, добивајќи награди во Краков, Трст, на ФИПАДОК, на „Верзио“ во Унгарија и на „Астра“ во Романија. Проекцијата и дискусијата се реализираат во партнерство со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.