Од студио до сцена: младите музичари и живиот пат на музиката во Филхармонија

Февруарската концертна серија на Институтот FAME’S ќе започне на 10 февруари во Камерната сала на Македонската филхармонија со концертот „Од студио до сцена“, под уметничко водство на виолинистот Даниел Роуланд. Настанот претставува завршница на истоимената едукативна програма во која учествуваат 30 млади музичари од различни европски земји.

 

Проектот се фокусира на современите предизвици на оркестарската професија, истражувајќи го патот на музичкото дело од студиско снимање до концертна изведба. Учесниците, под менторство на Роуланд, најпрво работат во професионалното студио на FAME’S, а потоа истите композиции ги изведуваат пред публика, доживувајќи ја трансформацијата на музиката во жив контекст.

 

Концертната програма е внимателно осмислена и тематски поврзана, со дела што отвораат прашања за промена, внатрешни состојби и надеж. Публиката ќе има можност да ги слушне „The American Four Seasons“ од Филип Глас, „Musica dolorosa“ од Петерис Васкс и „Metamorphosen“ од Рихард Штраус – композиции со силен емотивен и драматуршки набој.

 

Од Институтот FAME’S посочуваат дека ваквиот пристап им овозможува на младите уметници подлабоко да го разберат музичкиот процес и да стекнат значајно професионално искуство. Како солист и ментор, Даниел Роуланд носи богато интернационално искуство и препознатлива интерпретативна длабочина, што дополнително го збогатува едукативниот аспект на проектот.

 

Со концертот „Од студио до сцена“, FAME’S ја отвора својата февруарска програма и ѝ нуди на публиката редок увид во современ модел на музичка едукација, каде што учењето, снимањето и сценската изведба се нераскинливо поврзани. Картите за концертот се достапни преку продажната мрежа на MK Tickets.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.