„Дон Џовани“ повторно на сцената на Националната опера и балет
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 29 Јануари 2026
Едно од највлијателните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза повторно ќе оживее на сцената на Националната опера и балет. Изведбата е закажана за 7 февруари 2026 година, со почеток во 19:30 часот, и најавува вистински оперски настан за љубителите на класичната музика.
Ова комплексно и драмски возбудливо дело, инспирирано од легендата за Дон Жуан, се издвојува по маестралниот спој на комичното и трагичното, како и по музичката генијалност со која Моцарт создава силна и безвременска драматургија. „Дон Џовани“ и денес важи за едно од најизведуваните и најинтерпретираните оперски остварувања во светот.
Претставата ќе се реализира под диригентската палка на Џанлука Мартиненги од Италија, во режија на Лев Пуљиезе, исто така од Италија. Сценографијата е дело на Марија Ветероска, костимите ги потпишува Марија Пупучевска, кореографијата е на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, додека за хорот се задолжени Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката поделба настапуваат интернационално реномирани и домашни уметници: Кристијан Федеричи во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов во улогата на Дона Ана, Нико Франкини како Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето. Во изведбата учествуваат и хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Преку музиката и либретото на Лоренцо да Понте, „Дон Џовани“ нуди длабока психолошка анализа на ликот што ја симболизира вечната борба меѓу страста, моралот и одговорноста. Со својата драмска сила и уметничка комплексност, ова оперско ремек-дело и по повеќе од два века продолжува силно да комуницира со современата публика и да го потврдува својот статус во светската музичка традиција.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















