Промовиран дебитантскиот албум „Beyond the Silence“ на виолончелистот Антонио Илиоски
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 29 Јануари 2026
Во просторот на Аудиокултура вчеравечер беше промовиран албумот „Beyond the Silence“, првото дискографско издание на младиот виолончелист Антонио Илиоски. Станува збор за дебитантски проект кој вклучува дела од Клод Дебиси и Јоханес Брамс, реализиран во соработка со бугарската пијанистка Јана Лолова, а издаден од Баги Комуникации.
Албумот е снимен минатата година во салата на Македонската филхармонија и содржи Соната за виолончело и пијано од Дебиси, како и Соната бр. 1 од Брамс. Изборот на репертоарот беше оценет како внимателно осмислен и уметнички храбар чекор за еден прв албум, кој јасно ја отсликува зрелоста и изразната насоченост на младиот уметник.
Антонио Илиоски важи за еден од најперспективните виолончелисти од новата генерација, со активен меѓународен ангажман уште за време на студиите. Тој се школува на Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“ во Софија, во класата на проф. Атанас Крстев, и се истакнува со спој на техничка прецизност, музичка зрелост и автентичен уметнички израз.
Промоцијата се одржа во присуство на бројни претставници од културната и музичката сцена, а беше посветена на уметничкиот концепт и креативниот процес зад создавањето на албумот. За изданието говореше Бранка Костиќ Марковиќ, која го опиша како резултат на долгогодишна посветеност и како сведоштво за формирање на препознатлив уметнички глас.
Издавачот Владимир Мандичевски истакна дека проектот произлегува од вербата во потенцијалот на младиот музичар, нагласувајќи дека албумот поставува високи стандарди за тоа како треба да изгледа еден сериозен дебитантски настап на класичната сцена. Музичкиот продуцент Ален Хаџи-Стефанов, пак, се осврна на процесот на снимање, потенцирајќи ја јасната визија и зрелоста со која Илиоски пристапил кон материјалот.
Самиот Илиоски го опиша „Beyond the Silence“ како личен и професионален исчекор, нагласувајќи дека албумот претставува обид тишината, трудот и сомнежите да се преточат во музички израз. Преку видео-врска се обрати и пијанистката Јана Лолова, која истакна дека проектот е резултат на рамноправен музички дијалог, а не класичен однос меѓу солист и придружба.
Во рамки на настанот, Илиоски изведе краток музички извадок од дело на Сергеј Прокофјев и ја најави концертната промоција на албумот, која ќе се одржи на 28 април во Македонската филхармонија. Со „Beyond the Silence“, Антонио Илиоски се наметнува како ново, сериозно и ветувачко име на современата класична музичка сцена во регионот.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















