„Парусион“ се враќа во МКЦ со концерт надвор од жанровски рамки
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 23 Јануари 2026
По 22 години активно присуство на домашната и регионалната сцена, ансамблот „Парусион“ повторно настапува во Младинскиот културен центар, на 28 јануари, со концерт што нуди авторско фјужн искуство и музика создадена во самиот момент на изведба.
Во актуелниот состав, бендот функционира како колективен музички организам во кој ритамот е водечка сила. Под водство на Михаил Парушев на тапани, звукот се надградува со труба, кларинет, саксофон, гитара, пијано, бас и перкусии, при што секој музичар има простор за лична интерпретација, но секогаш во служба на заедничкиот звук.
За „Парусион“, фјужн не е жанр, туку слобода во рамки на јасна структура. Композициите се внимателно обликувани, но отворени за импровизација, спонтан дијалог и жива комуникација на сцена, каде ритамот ја носи целата музичка приказна.
Концертот во МКЦ ќе понуди пресек од целиот опус на ансамблот – од најраните композиции, преку материјалот од албумот „Агол“, кој се смета за нивна креативна пресвртница, до нови дела и свежи интерпретации што ќе бидат изведени за првпат. Музиката на „Парусион“ е создадена да се менува и да живее преку директниот контакт со публиката.
Албумот „Агол“, снимен во живо, останува еден од најзначајните проекти на ансамблот и симбол на нивната зрелост и доверба во колективниот израз. И денес, нивниот пристап останува ист – јасна форма, минимализам и силна енергија, без жанровски компромиси.
Настапот на „Парусион“ во МКЦ е замислен како концерт-доживување, наменето за публика што сака музика што се слуша внимателно, се чувствува телесно и постои само во моментот на изведбата. Влезниците се достапни преку платформата mktickets.mk.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















