Генералка во Кисела Вода - заедничка акција со „Паркови и зеленило

Од улица “Коперникова” во населбата Драчево започна сеопфатната теренска интервенција за чистење и уредување на јавните зелени површини, која Општина Кисела Вода од денеска ја реализира во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“.

На денешниот настан присуствуваа градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Муамер Сефери, кои заедно ја следеа и поддржаа теренската интервенција, согласно нивната неодамнешната работна средба на која беше договорена зајакната соработка со фокус на подобрување и одржување на јавниот простор, информираат од општината.

Преку Секторот за месна самоуправа и социјална заштита, се спроведува еднонеделна еко акција што опфаќа, собирање на лисна маса, расчистување на паднати гранки и отпадоци, кастрење на суви дрвја, како и уредување на јавните тревници и појасите со тревна вегетација низ сите урбани и месни заедници. Активностите се одвиваат согласно претходно изработен план на општинските служби, дополнет со пријавите и барањата од жителите. На терен се ангажирани целокупната механизација и екипите на Општина Кисела Вода и ЈП „Паркови и зеленило“, а опфатени се парковите и јавните зелени површини на територија на општина Кисела Вода. Вакви теренски зафати, доколку дозволат временските услови, ќе се одвиваат во текот на целата недела. Оваа недела во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“, интензивно работиме на чистење и уредување на парковите и јавните зелени површини низ Кисела Вода. Ангажирани се целокупната механизација и теренските екипи, а се врши собирање на лисната маса, расчистување на отпадоци, поткастрување и отстранување на суви дрвја, како и уредување на јавните тревници. Со овие зафати директно го подобруваме изгледот и хигиената на јавниот простор. Целта ни е секое маало да биде почисто и поуредно, а ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период. Воедно, апелирам до граѓаните да се вклучат со одговорно однесување и заедничка грижа за животната средина, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Утре, акцијата продолжува на улиците “Народни херои” и “Пушкинова”.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.