По десет години пауза, Прилепскиот дувачки оркестар повторно заживува
- Детали
- Категорија: Карпош
- Создадено: 06 Февруари 2026
По една деценија, Прилеп повторно доби свој дувачки оркестар, еден од најпрепознатливите музички симболи на градот. Возобновувањето на оркестарот е овозможено со почетна финансиска и логистичка поддршка од Општина Прилеп, согласно програмските активности на новоформираниот состав.
Првиот јавен настап на оркестарот е закажан во рамки на карневалот „Прочка 2026“, а репертоарот ќе биде базиран на оригиналност и разновидност, со цел да се продолжи долгогодишната традиција на градот. Градоначалникот Дејан Проданоски, кој присуствуваше на првата проба, истакна дека инвестицијата во културата и зачувувањето на локалниот културен идентитет е континуирана и дека новиот состав ќе го сочинуваат млади, професионални и талентирани музичари.
Во моментот, оркестарот брои 14 академски образовани музичари и ќе одржува проби во просториите на ООУ „Блаже Конески“. Идните активности на дувачкиот оркестар ќе вклучуваат настапи на градски празници, свечености и културни манифестации, со цел повторно да се врати оркестарот како жив дел од културниот живот на Прилеп.
Историјата на градскиот дувачки оркестар во Прилеп е долга повеќе од еден век. Првиот оркестар е формиран во 1924 година, а во 1930 година бил создаден првиот поголем состав од лимено-дувачки инструменти под диригентство на Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче. Со одредени прекини, оркестарот функционирал до 2015 година, а голем придонес во негова континуирана активност дал Илија Јанчулески, кој со генерации музичари ја одржувал оваа значајна културна традиција.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















