Карпош се подготвува за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“: Средба Лукровски – Љутков

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и министерот за култура, Зоран Љутков, денеска одржаа работна средба посветена на културното наследство и на претстојниот проект „Скопје – Европска престолнина на културата“. Скопје, заедно со францускиот град Бурж и Чешке Будејовице од Чешка, е избран за Европска престолнина на културата за 2028 година, со одлука на Европската Унија.

 

Градоначалникот Лукровски го информираше министерот Љутков за претстојните проекти и културно-забавни настани кои ќе бидат дел од програмските активности на Општина Карпош за наредната година. Тој нагласи дека општината ќе продолжи да ги поттикнува и поддржува сите културни работници, особено младите, чија работа и креативност ја збогатуваат културната ризница на градот Скопје.

 

Министерот Љутков истакна дека проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“ е вистинска можност за темелна трансформација на градот, преку развој на културната инфраструктура, зајакнување на заедништвото, поддршка на иновациите и промовирање на европските вредности. Поради тоа, нагласи тој, многу е важно во реализацијата активно да бидат вклучени сите релевантни чинители од државата, вклучувајќи ги и локалните самоуправи.

 

Според министерот, Општина Карпош има несомнено голем потенцијал за културен развој, бидејќи на нејзина територија се наоѓаат многу значајни локалитети како што се Хавзипашините конаци, Аквадуктот, археолошкиот локалитет Скупи и Св. Пантелејмон во Нерези. Токму затоа, на средбата се разговарало за бројни можности за идна соработка помеѓу двете институции, со посебен акцент на заштита на културното наследство и на плановите за одржување на културни настани на територијата на општината.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.