Министерот Перински ги најави приоритетите во Карпош
- Детали
- Категорија: Карпош
- Создадено: 04 Декември 2025
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска одржа координативно-информативна средба со министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и неговиот заменик, Ерџан Селими, во рамки на која беа презентирани двата главни приоритети на Министерството за ефикасно работење на локалната самоуправа.
На состанокот, министерот Перински го истакна Карпош како „пример за современа и урбана општина со активна заедница и силни локални иницијативи и граѓани, кои непосредно учествуваат во креирањето на локалните политики“.
По координативната средба, на работен состанок со членовите на Советот и општинската администрација, Перински ги запозна присутните со главните два приоритети, кои треба да ги решат предизвиците на локалните заедници:
1. Предлог-измени на Законот за локална самоуправа: Фокусот е ставен на т.н. референдумски отповик, односно смена на градоначалниците, што би претставувало моќна демократска алатка за жителите. Перински, исто така, најави разгледување на правни регулативи за санкционирање на вандализирањето на урбаната опрема. Како дел од овој приоритет се нагласи и важноста од подигнување на нивото на транспарентност на градоначалниците, Советот и администрацијата.
2. Дигитализација на локалните услуги: Министерот го посочи процесот на дигитализација како неопходен, при што се разгледуваат идеи за создавање одржливо системско решение за дигитализација на општинските услуги. Ова ќе се реализира преку Ресурсниот центар, кој ќе функционира како контакт точка за поддршка на општините. Центарот има за цел да ги зголеми капацитетите на локалната самоуправа, што ќе доведе до поквалитетни локални услуги за секој граѓанин. Оваа активност се одвива во соработка со Швајцарската Влада, Делегацијата на ЕУ и УНДП.
Во рамки на средбата беше презентирана и Платформата за управување со владините проекти (proekti.gov.mk), корисна алатка која треба да обезбеди лесно достапни, отчетни и следливи информации за граѓаните во врска со трошењето на јавните средства за локален развој. Перински најави и ангажирање на домашни експерти кои ќе работат на трошок на Ресурсниот центар за премостување на евентуалните проблеми на општините.
Пред денешната средба, градоначалникот Лукровски присуствувал и на промоцијата на веб-страницата proekti.gov.mk, која се одржа во Клубот на пратеници.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












